Aвтопатот Миладиновци-Штип по еден месец возење и официјално пуштен во употреба

Архивска фотографија од градежни активности на автопатот Миладиновци - Штип

Автопатот Миладиновци – Штип денеска официјално беше пуштен во употреба. Но по новиот автопат веќе еден месец се одвива сообраќај. На денешната церемонија кај Свети Николе во присуство на премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов и амбасадорката на Народна Република Кина, Јин Лисјен.

„Оваа нова автопатска врска Миладиновце-Свети Николе-Штип е исклучително важна за рамномерниот регионален економски развој. Се обезбедуваат услови за поефикасен и побрз транспорт на стоки, производи, луѓе, што е многу важен предуслов инвеститорите да ја мапираат земјата како стабилна и долгорочна бизнис дестинација која нуди услови за сигурност и мултиплицирање на нивниот профит“, рече премиерот Заев.

Тој рече дека ЈП за државни патишта планира пошумување на косините на автопатот со 600 илјади садници багрем на површина од 30 хектари.

Вкупната должина на автопатот изнесува 47 километри со два коловози. Овој автопат има седум клучки кај Миладиновци, Средно Коњаре, Преот, Свети Николе-север, Свети Николе-југоисток, Кадрифаково и Три чешми.

Градежните активности на автопатот Штип – Миладиновци се одвивале вкупно 4 години и 8 месеци, од мај 2014 до декември 2018 година. На оваа автопатска делница првично имала вредност од 226,7 милиони евра, но направена е заштеда од 44 милиони евра со што овој автопат е реализиран со вкупно 177,3 милиони евра.

Изградбата на автопатот ја почна претходната Влада, во февруари 2014 година и според проектот и плановите тој требаше да биде готов до март 2017 година. По промената на власта надлежните институции соопштија дека има бројни пропусти во изградбата и незавршени активности, по што беа склучени два анекса на Договорот за изградба со изведувачот кинески „Синохидро“.