Летната серија трки на пет дестинации покрај вода, наречена „Beach Run 2019“ стартува во недела во Скопје, по што следуваат трките во Дојран на 14 јули, Претор на 21 јули, Маврово на 28 јули и завршната трка во Охрид на 3 август. Првите три трки се на пет километри, а потоа се трча полумаратон во Маврово и трка на десет километри на финалниот натпревар во Охрид.
Серијата трки на плажа ги организира здружението „Прв до врв“ во рамки на платформата „Ја трчаме Македонија“ и може да учествува секој што го сака трчањето.
Остварениот резултат на секоја од трките носи соодветен број бодови, според кои, се формира табела со резултати, чиј финален изглед ќе ги даде победниците на летната лига во трчање за оваа година.
За победниците на секоја од трките и на целата лига е обезбеден паричен награден фонд во вредност од 60.000 денари. На секоја од трките, првите три места во машка и женска конкуренција освојуваат 3.000, 2.000 и 1.000 денари, информираат организаторите. Пријавувањето за учество во Beach Run 2019 е преку веб страната на „Прв до врв“.
Настанот има за цел да го популаризира активниот спортски живот и трчањето во летниот период, кога луѓето се обично на одмор и на плажа.