Неделници - Судски процеси и борба против корупцијата

Миле Јанакиески пред Суд.

Онлајн магазинот Глобус анализира за барањата на ВМРО-ДПМНЕ за борба против криминалот и корупцијата, која, како што пишува неделникот, штом некој нивен ќе се уапси преминува во „жртви на политички прогон“. Фокус го пренесува интервјуто со обвинителката Вилма Русковска која вели дека Миле Јанакиески се нудел за соработник за 27 април.

Глобус - Услишена молитвата на ВМРО-ДПМНЕ за поостра борба со организираниот криминал и корупцијата

Онлајн магазинот Глобус објавува анализа со наслов во кој има призвук на иронија: „Услишена молитвата на ВМРО-ДПМНЕ за поостра борба со организираниот криминал и корупцијата“. Во последно време, пишува авторот на анализата, главната реторичка матрица на екипата на Мицкоски е дека Владата на Зоран Заев не е кадарна да се бори со корупцијата. Без оглед на блокадите што тие ги вршат во однос на законските промени во третата власт. Ситуацијата со последните апсења на високи вмровски и провмровски функционери и јавни службеници кои под плаштот на Миле Јанакиевски дејствувале од 2006 до 2017-та е токму во стилот „сакавте правда – еве ви ја“. Глобус потоа потсетува дека новинарите најдобро знаат дека пропагандата на најголемата опозициска партија е само една превртена ракавица – сето она што ги обвинуваа социјалдемократите кога беа опозиција сега си го земаат вмровците како „готов говор“. Едноставно божем тие никогаш да не биле во власта, божем нивни кадри да не ја згазиле правната држава, како да немало „тефтерче за подобни судии кај Гоца“, како да не беше приватизирана речиси целата економија од врвот на партијата, а стопанствениците, кога Груевски ќе се сретнеше со нив, си гледаа во врвот на чевлите, потсетува авторот на текстот во онлајн неделникот. А Мицкоски, како и другите гласноговорници од ВМРО-ДПМНЕ веднаш штом некој од нив ќе влезе во кругот на осомничените или процесуираните ја менуваат плочата и место барање енергична борба против криминалот посочуваат дека нивни членови се „жртви на политички прогон“ – пишува Глобус.

Видете и ова: Државно земјиште по багателни цени

Фокус – Русковска: Миле Јанакиевски се нудел за соработник за случајот „27 април“

Неделникот Фокус на насловната страница го најавува интервјуто со Вилма Русковска, која раководи со Обвинителството за гонење организиран криминал во кое, покрај другото, Русковска открива дека Миле Јанакиевски се нудел за соработник за случајот „27 април“, во кој токму тој се гони како еден од организаторите.

Во неделникот има неколку колумни со критики за актуелната власт. „Владата“, смета авторот на една колумна, „иако декларативно говори друго, полека пушта пипала секаде каде што може“. Па реди: златни кокошки за партиски адвокати, лукративни бизниси за луѓе блиски до власта, но и до претходната, амнестирани битанги, сеопшта партизација и дузина советници. „Приказната за растот на економијата“, вели друг автор на друга колумна, „важи додека се освои власта! Откако ќе се дојде на власт, веднаш економијата станува само придружен фолклорен елемент на политиката. На таквата класична политичка шема не ѝ одолеа ниту СДСМ и лидерот Зоран Заев“, смета авторот на една од колумните во Фокус.