За сообраќајот на пленарна седница - поради сериозноста

Собраниска седница

Сериозноста на проблемот е причина поради која наместо на седница на Комисијата за транспорт, како што беше претходно закажано, пратениците ќе расправаат за безбедноста во патниот и железничкиот сообраќај на пленарна седница.

Денешната седница на Комисијата за транспорт, врски и екологија на која на дневен ред беше информација за безбедноста во патниот и железничкиот сообраќај, беше откажана со образложение дека за темата поднесена од пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ треба да се расправа на пленарна седница, поради сериозноста на проблемот.

Претседателката на комисијата Лилјана Затуровска рече дека информациите за безбедноста во патниот и железничкиот сообраќај имаат сериозен карактер и во расправата треба да се вклучат сите пратеници.

Воздушниот сообраќај не беше на дневен ред на денешното заседание на Комисијата, на кое беа поканети и претставници од Министерството за транспорт и врски, директорите на ЈП Државни патишта и Македонски железници, како и од Секторот за безбедност на патиштата.

Затуровска на претставниците од институциите кои дојдоа на седницата им рече дека информациите за состојбите во сообраќајот треба да ги достават во писмена форма до Собранието.

Седницата беше закажана по загриженоста за работењето на радарскиот систем за контрола на летање во Македонската навигација, како и по несреќата на товарниот воз кај Куманово што предизвика материјална штета, но отвори и повеќе прашања за состојбата во Македонски железници и безбедноста на железничкиот сообраќај. Деновиве во јавноста имаше посочувања дека во железничкиот сообраќај треба да се вложат многу пари и да се модернизираат пругите и сигнализацијата. Некои од трасите се одамна воспоставени и потребно е тие да се реорганизираат.

Во несреќата на товарниот воз кај село Черкезе единаесет од петнаесет вагони се излизгаа од пругата, а неофицијалната причина е погрешно товарење на лимовите кои ги носеле од Србија.

Од Македонски железници – Транспорт не сакаа да коментираат се додека трае истрагата.

Во текот на изминатата година се случија и неколку несреќи со автобуси.

Најголема загриженост во јавноста за состојбите во патниот сообраќај отвори автобуската несреќа кај село Ласкарци што се случи на 13 февруари кога автобусот на компанијата „Дурмо турс“, кој патуваше од Скопје кон Гостивар, излета од патот и падна во бездна кај село Ласкарци, при што животот го загубија 16 луѓе, а десетици беа повредени.

Пропустите утврдени во оваа несреќа кај автобусот кој од јули минатата година возел без целосно исправни сопирачки и начинот на кој биле издадени документи за исправност отворија прашање во јавноста дали некој во државата треба да понесе одговорност поради состојбите во јавниот превоз.

Осомничени за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот беа сопственикот на компанијата „Дурмо турс“, управителот на фирмата, возачот, три лица кои работеле во фирмата која правела технички преглед на автобусот и едно лице кое издавало потврда дека автобусот е исправен.

Деновиве Основното јавно обвинителство поднесе обвинение против шест лица, осомничени дека сториле тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот кои резултираа со сообраќајната несреќа на автобусот на Дурмо турс.

Состојбите во сообраќајот деновиве беа тема на меѓусебно префрлање на одговорноста меѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ.

Од опозициската партија критикуваат дека состојбата на железниците е катастрофална - нема инвестиции за одржување на возовите и за 2 години е преполовен бројот на возови и локомотиви. Министерот за транспорт Горан Сугаревски пак, рече дека пругата ќе се санира во најбрз можен рок и оти се работи на модернизација на железницата и обнова на железничкиот возен парк.