Обвинителството ја отфрли кривичната пријава против поранешната министерка зa култура Елизабета Канчевска – Милевска, поранешниот заменик-министер и раководителот во министерствотото за злоупотреба на службената должност. Како што соопшти Обвинителството, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе решение за отфрлање на кривичната пријава против три лица за кривично дело несовесно работење во службата од чл.353-в ст.3 во врска со ст.1 од Кривичниот законик.
Станува збор за кривична пријава поднесена од Министерството за финансии – Управа за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, а според која тројцата пријавени, во својство на министер за култура, заменик-министер за култура и раководител на сектор за финансиски прашања во Министерството за култура, во периодот од јули 2009 година до февруари 2017 година, со пропуштање должен надзор, несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности.
Од обвинителството денеска соопштија дека надлежниот јавен обвинител донел решение за отфрлање на кривичната пријава, бидејќи не постои основано сомнение дека пријавените го сториле наведеното или друго кривично дело кое се гони по службена должност.
„Постапувајќи по кривичната пријава, надлежниот јавен обвинител изврши распит на пријавените и на претставник од Министерството за култура, а беше извршен и увид и анализа во ревизорските извештаи за работата на Министерството за култура за наведените години. Во сите наведени извештаи не се констатирани неправилности во активностите и финансиските трансакции кон наведениот субјект”, се вели меѓудругото во соопштението.