Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“ испратил жалба до енергетската заедница поради владината уредба за поддршка на производство на електрична енергија од обновливи извори која, како што наведуваат во соопштението, неправедно ги фаворизира малите хидроелектрани пред другите енергетски извори.
Според соопштението, државата е потписник на Договорот за енергетска заедница, со кој се забранува каква било јавна помош која ја нарушува или се заканува да ја наруши конкуренцијата со фаворизирање на одредени претпријатија или одредени енергетски ресурси.
Во последните години малите хидроелектрани, како што посочуваат од „Екосвест“, прават пустош низ земјите од југоисточна Европа, вклучувајќи ја и земјава, поради нивниот брз развој, често во заштитени подрачја, и без примена на законите за заштита на животната средина..
„Вицепремиерот Кочо Анѓушев, поседува голем број мали хидроцентрали, а неговиот кабинет е тесно вклучен во подготовката на законодавството за енергетскиот сектор. Затоа одлуката на Владата да даде предност на малите хидроелектрани изгледа сомнително“, се наведува во пишана изјава на Давор Пехчевски од „Еко-свест“.