Пo денешниот Самит на ЕУ на кој лидерите не постигнаа договор за клучните позиции во европскиот блок, францускиот претседател Емануел Макрон порача дека категорично ќе отфрла ново проширување сѐ додека не се реформира ЕУ од внатре.
“Скептичен сум кон оние кои ни објаснуваат дека е потребно ново проширување, не успеваме ни со 28 членки да се договориме, така што ќе бидам бескомпромисен кон каков било вид проширување пред да се случи длабока реформа на нашето институционално фунцкионирање”изјави Емануел Макрон.
Лидерите на ЕУ цела ноќ преговараа за назначувањето на челниците на идните европски институции, но не постигнаа конечен договор и покрај тоа што Германија и Франција успеаја да се усогласат.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов кој изјави дека кандидатот на земјата Кристалина Ѓорѓиева е надвор од трката за функцијата претседател на Европскиот совет, дополни дека многу е веројатно оти нема да има покана за земјите од регионот. Тој рече дека Бугарија не сака да биде обвинета дека токму таа го попречува проширувањето, пренесуваат дел од медиумите.
“Многу е веројатно земјите на Западен Балкан да не бидат поканети. И тогаш – Косоварите, Албанците, Македонците, Србите… ќе речат дека заради Бугарката не добиле покана”изјави Борисов во Брисел.
Инаку денеска францускиот претседател Емануел Макрон упати критика по неуспехот на самитот на ЕУ да се донесе одлука за клучните позиции во европскиот блок. Но, тој додаде и дека се надева на договор на утрешните разговори.