Нова „занимација“ за медиумите и за јавноста во овие жешки денови. Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски по втор пат на тапет: овојпат дека местел тендери, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ враќа дека опозицијата шири лажни вести. „Иста песна кој и да доаѓа на власт, лопови до даска, само тешко на народот“ – коментирал на нашата ФБ страница Јелбрин Алберту, а Зоран Марков е уште поконкретен: „Вие веќе 30 години се препукувате, а за тоа време младите се иселија“. Жана Жана повикува на објективност: „Слушнете го пресот па после коментирајте“.
За најавата на опозициската партија дека ќе предложела нов закон за СЈО по терк на европското право, Кире Вељановски нè критикува, веројатно немајќи предвид дека РСЕ си ја извршува својата професионална задача - информирањето : „ДПМНЕ е криминално здружение и ќе ве молам да не ги рекламирате“. Мирко Георгиевски вели: „Закон со кој ќе се амнестирате од криминал, е тоа мало сутра!“
Директниот пренос на нашава редакција од Парадата на гордоста и од Маршот за традиционалните семејни вредности и повеќето информации од тие два настана, собрале над 1500 коментари на посетителите на веб страницата на РСЕ. Од мажи, жени, и од припадници на македонската, албанската и српската етничка заедница во земјава. Говор на омраза, пцовки, закани, затоа цитираме само два кои се некако поумерени. Живка Петковска смета дека „ова е парада на срамот, гнасотијата и сатанизмот“, а Надица Наѓа вели: „Да го исчистат и дезинфицираат паркот после наказиве. Треба утре деца да шетаме таму!!!!“
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
За приведувањето на 11-мина поранешни и сегашни вработени во државни институции, меѓу кои и Миле Јанакиевски, за малверзации со државно земјиште и реакциите на ВМРО-ДПМНЕ дека се прави политички прогон на Партијата, Сашко Булиќ го коментира вака: „Сè што законски се презема против злосторничкото и криминално здружение ВМРО-ДПМНЕ е брутален напад против него, затоа што во него се исклучиво ’чесни‘ луѓе кои сите криминали ги правеле на легален и законски начин. Така тврдат тие. А сите останати надвор од партијата погрешно ги гледаат криминалите и злоделата за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ“. Карим Цаноски му забележува на Судот „за апсење и по два дена пуштање, само им ги отворате устите на тие од ВМРО...“, а Седит Бекировски со промислен коментар: „Сите уапсени ли се членови на ВМРО-ДПМНЕ? Или само некои? Ако не се сите, тогаш зошто ДПМНЕ ги брани само членовите, а не сите? Или другите се криминалци, само членовите на Партијата се чесни?? Хмм, чудно...“