Под мотото „Сведоштво за семејството“, граѓанската платформа „Сојуз за живот“ денеска организира граѓанско-верски собир со цел да се испрати пораки за заштита на вистинските и темелните, животни, брачни, семејни и верски вредности.
„Сојузот за живот“ го сочинуваат повеќе невладини организации, движења и неформални групи кои се залагаат за заштита на вредностите на традиционалното семејство и бракот.
„Нашата порака пред сè е до луѓето кои ги носат одлуките во државата, сегашната, но и идните власти, како и до целата македонска јавност дека најголем процент од верниците не го прифаќаат процесот што треба да доведе до редефинирање на тоа што е брак, семејство, пол и род“, изјави за МИА, отец Ивица Тодоров.
Тој вели дека тие се противат „на таа идеологија и поучени од случувањата на запад и страшните последици кои ги гледаме таму, се залагаме тоа да не пушти корени во нашата држава и општество“.
Според него, граѓанско-верскиот собир не е противтежа на најавената Парада на гордоста што исто така денеска треба да се одржи во Скопје.
„Ние не сме против никого, но не ја прифаќаме пораката на процесот што некои структури сакаат да го започнат конкретно со Парадата на гордоста“, рече отец Тодоров.
Граѓанско-верскиот собир започна со литургија во црквата „Света Богородица“. По нејзиното завршување, според најавите, поворката со поддржувачите на „Сојузот за живот“, ќе се упати на марш низ центарот на Скопје каде меѓу останатото ќе помине покрај Собранието и Владата. Маршот ќе заврши пред соборниот храм „Свети Климент Охридски“ со читање на заедничка декларација за живот.