„Панфиз“ и по 12 -ти пат „на мускули“

Со учество на финската атракција „МимоАртКомпани“, бугарскиот „Метаморфози“, домашниот „Страница театар“ и српскиот артист Марко Нектан, од 1 до 3 јули, во Македонскиот народен театар ќе се одржи 12-то издание на Интернационалниот фестивал на пантомима и физички театар „Панфиз“.

На првоборците за пантомима и физички театар во земјава, се чини дека им е судено и натаму работите да ги туркаат на мускули. Од чист ентузијазам и многу скепса за иницијалната идеја, која види за чудо не само што и по цела една декада и повеќе и натаму живее туку, сакале или не некои душегрижници, дефинитивно стана традиција. Традиција чии заложби нема да може да се негираат, иако несомнено сопки и натаму ќе има по патот.

Имено, реалноста вели дека во случајов со учество на финската атракција „МимоАртКомпани“, бугарскиот „Метаморфози“, домашниот „Страница театар“ и српскиот артист Марко Нектан, од 1 до 3 јули, во Македонскиот народен театар ќе се одржи 12-то издание на Интернационалниот фестивал на пантомима и физички театар „Панфиз“. И, тоа е реалноста градена пред се на соништата и во име на уметноста.

- Иако со години на ред се обидувам да докажувам на разни министри и заменици на министри дека „Панфиз“ треба да се поддржи за да тргне напред, за да секоја година нели не се потпираме само на личните пријателства, работите си стојат во место. Од таму ќе кажам дека иако годинава и Министерството за култура и јас бевме со добра мисла и добра намера, но сепак поради добро познатите причини на доделувањето на средствата за годишни проекти, останавме со кратки ракави. Пак да го тераме „Панфиз“ на мускули. Но, верувам дека упорноста на крај ќе се исплати и дека со верба во оптимизмот овој Фестивал ќе продолжи и здравје ќе ги видиме 20 и 30-то издание, вели актерот и пантомимичар Трајче Ѓорѓиев од „Страница театар“, потписниците на оваа манифестација.

„Забелешки за телото“ - МИМОАРТКОМПАНИ, Финска

Инаку, љубителите на пантомимата и физичкиот театар, редовните следбеници на „Панфиз“, в понеделник, по чинот на свеченото отворање, на Големата сцена на Македонски народен театар, ќе имаат можност да ја проследат долго очекуваната финска атракција „МимоAртKомпани“ со претставата „Забелешки за телото“. Следниот ден на 2 јули, овојпат на Малата сцена на МНТ од 20 часот, дури две претстави. Најнапред публиката ќе има можност да ја проследи „Белиот Бип“ на бугарскиот театар „Метаморфози“ и веднаш потоа проектот на „Страница театар“ - „Скопје ‘63“, во која низ пантомимска игра на Мето Јанакиевски се раскажува сторијата за катастрофалниот земјотрес што го погоди градот во 1963 година.

И, конечно какао резултат на едно неделната буто работилница што се одржува оваа година на „Панфиз“, а на која под водство на артистот и стар познаник Марко Нектан од Србија работеа неколкумина помлади и постари македонски глумци, како четврта претстава во низот, во среда на 3 јули, ќе биде изведена и „Кабаре на апсурдот“.

Овојпат имав зацртано една мисла во главата - дека треба да ги донесам ветените гости од минатата година „МимоАртКомпани“ од Финска кои лани не дојдоа од технички причини. Станува збор за вистинска светска атракција од областа на физичкиот театар. Понатаму се вклопи и таа моја идеја и потреба нешто да направам и јас самиот за овој Фестивал, проектот „Скопје 63“, една мала пантомимска игра посветена на Катастрофалниот земјотрес што го погоди градот и како селекција на еден од фестивалите на коишто бев во изминатиот период еве имаме и една млада група од Бугарија којашто е составена од штотуку завршени актери и пантомимичари,но кои творат многу квалитетно и сериозно. Конечно тука е и честиот гостин од Србија, буто артистот Марко Нектан, кој ги заокружи идеите водилки за оваа концепција на тродневен фестивал со дури четири содржини. Сите се различни помеѓу себе и мислам дека во тоа е богатството на актуелното издание на „Панфиз 2019“, смета Ѓорѓиев.

Трајче Ѓорѓиев, „Страница театар“

По неговата експликација, збор - два за проектот со кој ќе започне „Панфиз 2019“.

„Забелешки за телото“ на „МимоАртКомпани“ е екстремно визуелно, импровизациско патување до сите можни форми на изразување на сцената. Го чувствуваш длабоко во телото и душата, те потресува, те забавува и те движи.

Ова ќе го запише критичарот на весникот „Хелсингин Саномат“ во 2017 година откако ќе ја види претставата што нешто пред тоа ќе ја основаат режисерката Мимоза Линдал, Миро Лопери, Марко Пакаринен, Микаел Куосман, Анти Саарикалио
Серхио Кастрион (виолончело), Арто-Оскар Реунанен (дизајн на сцена)
Илмари Кару и Карел Шимек ( задолжени за дизајн на светло) и Јаако Аутио и Виљами Лехтонен (автори на дизајнот на звук).

„Забелешки за телото“ МИМОАРТКОМПАНИ, Финска

- Нашата претстава „Забелешки за телото“ („Body Notes“, на непредвидлив начин комбинира танц, театар и кловновијада. Основата на делото е во дијалогот на уметностите, изграден врз идејата за сеопфатност. Ова се манифестира во импровизациската игра, како и во беспрекорната соработка на движењата, визуелните аспекти и звукот.
На терените на буто, современиот танц, физичката мимика, новата кловнерија, визуелниот театар и звучната уметност, секој ги коментира другите. Јазикот на движењето на ансамблот се доверува на моментот на сегашноста, импровизацијата и уметноста на изведувачот, што потекнува од личноста на секој поединец. На секој од нас кој е учесник во проектот. Се* е ова само говорење, теорија. Треба да дојдете и да ја видите претставата и да знаете на што мислам а не може да се собере во неколку реченици, ќе рече Арто-Оскар Реунанен.

Кон ова само уште и информацијата дека „Панфиз 2019“ е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија, МНТ, Скопско Лето, „Тиквеш“, Бугарскиот културен центар во Скопје и Семејство Пацови од Република Бугарија, кои и натаму се спонзори на единствената награда на манифестацијата.