Николовски: Денешната акција е брутален напад против ВМРО-ДПМНЕ

Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Денешната акција против единасеет поранешни и сегашни вработени во државни институции е брутален политички напад на власта против ВМРО-ДПМНЕ, изјави на денешна прес-конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски.

Тој рече со акцијата помеѓу другите, лишени од слобода се членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Димитар Димовски, претседателот на еден од најголемите општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ - општинскиот комитет Аеродром, Дејан Митевски како и други лица. Во оваа акција власта влегува во директна пресметка со членови на ВМРО-ДПМНЕ злоупотребувајќи и обични службеници“, изјави Николовски.

Тој додаде дека во акцијата покрај поранешниот министер, приведени се и шест жени кои работат во ралични институции како обични службенички: „Приведени се шест обични граѓани на оваа држава, жени обични службенички кои си ја работат својата работа во Катастарот, Министерството, нотари и во правобранителството. Тој додаде дека знаат оти власта сака да им се одмаздува, но упати повик да не бидат гонети „недолжните службенички“ кои си ја вршат својата работа.

„Ова е случај во којшто нема, како што утрово беше најавувано, криминал, корупција, ниту кај било кој од оние што се приведени утрово се најдени нелегално стекнати средства или противправна имотна корист. Се работи за толкување на управна постапка, која може да се толкува на еден или на друг начин. Истата од страна на службениците во разните институции може да биде изведена правилно или неправилно. Такви ситуации во јавната администрација има десетици секој ден, за истите има начин како се проверуваат. Доколку има грешка има соодветна управна постапка во која што казната може да е намалување на плата на соодветниот службеник или суспензија од работа, но никако понижување со информирање на медиуми, изведување пред истражни судии и определување притвори“, вели Николовски.

Николовски истакна дека Власта има отворено 750 случаи против членови на ВМРО-ДПМНЕ, а оти оваа 751 истрага е отворена затоа што власта е во тешки скандали.