ГРЕКО со фокус на корупцијата и интегритетот на МВР и кабинетот на премиерот

Зградата на Министерството за внатрешни работи

Шефицата на делегацијата на нашата држава во ГРЕКО, Ана Павловска Данева денеска изјави дека дваесет и една препорака содржи извештајот на ГРЕКО од петтиот круг на евалуација, при што главна тема се корупцијата и интегритетот во највисоките носители на извршна власт. Павловска Данева истакна дека за СЈО и обвинителството, како и медиумите и администрацијата биле тема на четвртиот круг на ГРЕКО спроведен од 2013 до 2016 година.ГРЕКО, според неа, сега истражува состојби за корупција и интегритет во министерствата, посебно во МВР и во Кабинетот на премиерот.

„Владата треба да донесе нов или да го измени постоечкиот етички кодекс за министри и за други избрани и именувани лица, во кој ќе бидат предвидени санкции за оние кои нема да го почитуваат. ГРЕКО бара да се ревидира или да се донесе нов етички кодекс и за полициски службеници. Се инсистира на обуки кои ќе ги спроведува ДКСК, како на министрите, така и на полициските службеници за тоа што значи етичко однесување, интегритет и како да се спречи конфликт на интереси“, изјави Данева.

Таа порача и дека ГРЕКО бара да се воведат и професионални критериуми за избор и разрешување на директорот на Бирото за јавна безбедност и да се испита евентуалниот конфликт на интереси кај советниците на премиерот и мора јавно да објават кои се точно нивните работни задачи и колкава плата земаат.

Во однос на препораките за МВР, заклучено е дека внатрешната контрола на министерството не е доволно самостојна, а потребно е и донесување Закон за лобирање. За исполнување на препораките, како што истакна Данева, ГРЕКО дал рок од 18 месеци односно до 30 септември следната година.