Во Охрид 1076 нелегални градби, 409 во заштитениот појас

Охрид

Инспекциските служби во Охрид кај 1076 предмети констатирале нелегална градба, од кои 409 се во заштитен појас, односно на крајбрежјето на Охридското Езеро, во потегот на Националниот парк „Галичица” и во стариот дел на градот. Ова го покажува новиот Регистар за нелегални градби на територија на општина Охрид во периодот од 2006 до 2019 година, изработен согласно со препораките на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО.

Од регистрираните предмети во заштитениот дел, како што соопшти Општина Охрид, 82 се однесуваат на урбана опрема, 16 се за времени објекти, осум за плажи, 80 за куќи, апартмани и сместувачки капацитети, а останатите предмети се за помали интервенции и градежни зафати на објекти.