Собранието ги разреши Тевдовски, Фазлиу и Лика

Архивска фотографија- досегашниот министер за финансии Драган Тевдовски

Собранието вечерва ги разреши од функцијата министерот за финансии Драган Тевдовски, министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и министерот без ресор задолжен за спроведување на Рамковниот договор Хазби Лика. Министрите беа разрешени со мнозинство гласови.

Освен нив, на почетокот на денешната собраниска седница беа констатирани оставките на министрот за земјоделство Љупчо Николовски, на министерот за култура Асаф Адеми, на министерот за животна средина Садула Дураку и на министерот без ресор Зоран Шапуриќ.

Денешната расправа за предложената реконструкција на Владата помина во остри реплики и контрареплики меѓу опозицијата и власта. Освен за политиките на Владата, пратенциите се конфронтираа и за капиталните инвестиции, за Договорот од Преспа и за евроинтегративните процеси на државата.

Седницата продолжува утре во 11 часот, а на дневен ред е именувањето на новите министри. Во почетокот на денешната седница премиерот Заев го повлече предлогот, тој, покрај премиерската финкција, да ја извршува и финкцијата министер за финансии.