Нема зголемена радијација во Крива Паланка и Берово

Мапа на Мониторингот на радиоактивност на Европската комисија.

Грешки во мерните инструменти во Крива Паланка и Берово покажале пикови на зголемена доза на јонизирачко зрачење кои не се резултат на реално измерената доза, велат за РСЕ од Дирекцијата за радијациона сигурност откако денеска се појави инфорамција на мапата на Мониторингот за радиактивност на животната средина на Европската комисија дека е зголемена радиоактивноста во овие две места во Македонија.

Инспекторот за радијациона сигурност Горан Трајков од Дирекцијата за радијациона сигурност вели дека заради технички неправилности во својата работа две од мерните станици во Крива Паланка и Берово се во фаза на поправка и оти после поправката ќе следува ново соопштение. Информацијата е објавена и на веб страницата на Институтот за јавно здравје - Лабораторија за јонизирачко зрачење и радиоекологија.

Претходно еколошката граѓанска организација „О2 Иницијатива“ побара објаснување од институциите што се случува во Крива Паланка, бидејќи мерните станици покажале повеќе од 442 nSv/h (наносиверти на час - сиверт е мерна единица со која се изразува дозата на јонизирачко зрачење), а оти алармантни ситуации се кога се измерени над 250 наносиверти на час.

Од организацијата велат дека според досегашното искуство од мониторингот на загадување на воздухот постои воспоставена пракса на исклучување на мерните станици кои мереле високо и покажале вредности над дозволеното или детектирање пикови кои подоцна биле тргани од евиденција. Во таа насока од организацијата побараа поголема транспарентност од институциите.