ВМРО-ДПМНЕ:„Метлата“ се претвори во магла

Новата метла е ветер и магла за купување време и огромно разочарување, оцени опозициската партија ВМРО- ДПМНЕ по соопштување на предлогот за владина реконструкција кој е доставен до Собранието. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоиловски изјави дека промената на владината структура е само козметичка смена со која нема да има промена во работата на како што вели, „неспособна влада“.

„Бидејќи аболициран криминалец за финансиски криминал Зоран Заев ќе биде министер за финансии со што кланот Заеви се чекор поблиску до парите во буџетот. Но барем една работа ќе биде јасна, а тоа е дека Заев и СДСМ за своите погубни економски политики веќе нема да може да се вадат на министерот Тевдовски, туку лично Заев ќе биде одговорен за економската катастрофа која што во континуитет се случува“, изјави Стоилковски.

Тој додава дека со тоа што во Владата и натаму остануваат министрите за здравство, за внатрешни работи, за вицепремиерот за економски прашања и министерот за надворешни работи, покажува дека не се прават суштински измени.