Она што го порачува бугарскиот премиер Бојко Борисов и тоа како е добрососедство заради тоа што тој докажал големо пријателство кон Република Северна Македонија во многу исклучително важни моменти, одговори премиерот Зоран Заев денеска на новинарско прашање дали е добрососедство тоа што го изјави Борисов.
“Тие се едни од авангардата на борбата за нашето добивање одлука за датум за почеток на преговорите. Верувам дека испраќањето на зборовите може да не направи сите повинимателни и попосветени”, изјави Заев.
Потенцира дека не треба да се заборави оти имаме изградено договор за пријателство и низ тоа пријателство, подвлече, прифативме дека дел од нашата историја е заедничка, земавме обврска дека ќе се посветиме кон иднината, а ќе ги затвориме отворените прашања кои останале зад нас.
“Убеден сум дека ќе најдеме решение на ова отворено прашање кое во моментот е присутно во јавноста”, рече премиерот Заев.