Поранешни министри од регионот бараат од ЕУ да почне преговори со Скопје и Тирана

Поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас

Четворица поранешни министри за надворешни работи на Албанија, Грција, Кипар и Бугарија ја повикаа Европската унија веднаш да започне пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија.

Поранешните министри Дитмир Бушати, Никос Коѕијас, Јанис Касулидис и Даниел Митов ѝ порачаа на Унијата да не ги пролонгира преговорите со Скопје и Тирана поради барањата на одредени земји-членки, објави Независната балканска новинска агенција (ИБНА).

Тие бараат од земјите-членки на ЕУ да ги поддржат препораките на ЕК за отворање преговори со Северна Македонија и Албанија, истакнувајќи дека пристапниот процес дава поголеми можности за збогатување на демократијата, општествено-економскиот развој и гарантирање на правата на граѓаните во секоја земја.

Според нив, ЕУ по пат на набљудување и скрининг ќе помага и дејствува како партнер во овој процес.