Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека капитацијата на матичните лекари ќе се зголеми од 1 ноември. Со тоа, според него, значајно ќе им се излезе во пресрет на матичните лекари за да ги надминат пред се финансиските проблеми, а точните калкулации ќе ги имаат во следните неколку месеци.
„Зголемувањето ќе биде значајно во смисла на тоа проблемите со кои тие се соочуваат многу полесно да ги надминат пред се во обезбедување средно медицински кадар за кој и сега одделуваат одредена сума пари, за да ја платат како дел од задолжителниот тим пропишан со законот“, рече Филипче, на 41. Пленарен состанок на здравствената мрежа на Југоисточна Европа.
Тој истакна и дека се прават пресметки за тоа колкава сума на пари од централниот буџет треба да се одобри за да се зголемат дополнително платите на лекарите специјалисти, со цел согласно нивните ветувања следната година да стигнат до 100 илјади денари.