ЕУ за датумот за Северна Македонија ќе се наврати до октомври

Министерката за надворешни работи на Хрватска, Марија Пејчиновиќ Буриќ.

Министерката за надворешни работи на Хрватска, Марија Пејчиновиќ Буриќ, која учествува на Советот за општи работи на Европската унија кој се одржува во Луксембург, денеска рече дека од одредени причини имало држави кои не се согласиле Северна Македонија и Албанија да почнат преговори овој јуни како што, како што вели таа, било договорено на состаноците минатата година.

„Ние се договоривме дека тоа прашање ќе се разгледува повторно овој јуни. За жал не се направи голем напредок, дури и бројот на држави кои имаат одредени забелешки за тоа можно и да се зголеми. Ние секако се заложувавме тие преговори да се отворат со Албанија и со Северна Македонија”, рече Пејчиновиќ - Буриќ.

Според неа земјава имала голем напредок со решавањето на спорот за името со Грција, а Албанија со реформите во правосудството и затоа требало и да бидат наградени.

„Ќе видиме какви одлуки ќе донесеме на крајот. Сега во текстот на заклучоците стои октомври. Бундестагот заседава на крајот на септември, така што за Германија не е можно физички да дојде со став поврзан со тоа пред Бундестагот да донесе одлука така што најизвесно е најрано за тоа да се разговара во октомври”, рече Пејчиновиќ Буриќ.