Активисти од граѓански организации заедно со жители од Иловица и Штука со жив ѕид и моторни возила денеска го блокираа патот до рудникот „Иловица-Штука“ на планината Огражден. Граѓанското здружение „Здрава Котлина“ на социјалните мрежи соопшти дека со овој потег „започнува нова фаза“ на нивната борба против актвностите на концесионерот за рудникот „Еуромакс Рисорсис“, кој како што наведуваат, веќе три години оперира со истечена концесија.
Во објавата се вели дека денеска активистите со употреба на жив ѕид и блокади запреле „конвој археолози и рабортници на Еуромакс Рисорсис“, кој како што се вели, за кратко време се повлекле.
„Денес го спроведуваме на дело она што подолго време го зборуваме и за кое предупредуваме дека нема да дозволиме никому, по ниту една цена, никогаш да има рудник над нашите глави“, велат од „Здрава Котлина.“
Во објавата на граѓанската организација е наведено дека ги предупредуваат „Еуромакс Рисорсис“ да ја разберат пораката и бараат Владата во најскоро време да донесе решение и „согласно законите“ да ја одземе концесијата на компанијата за рудникот.
Од грѓанската организација „Еко-долина“ велат дека сомневањата во објективноста на археолозите од Музејот во Струмица, се поради тоа што дошле да ги прават истражувањата на терен облечени во облека со логото на „Еуромакс Рисорсис“, како и со возила донирани компанијата. Активистите наведуваат дека блокадите нема да престанат додека не и биде одземена „истечената концесија на Еуромакс“.