Премиерот Зоран Заев по повод една година од Преспанскиот договор изјави дека вредело неговото потпишување, имајќи ги предвид придобивките.
„Денеска, 17 јуни, една година од Преспа, прво добивме нов пријател. Не дека со Грција имавме некои сериозни непријателства, но навистина беше чувството лошо, горко, кога бевме застанати во нашите интегративни процеси. Еве после една година првите придобивки ги гледаме како импликации на оваа вежба, во нашата подготовка, заради после неколкумесечното целосно членство во НАТО. Тоа е голема стратешка цел на нашата земја, на целиот овој регион, на Република Северна Македонија која што не пред векови, туку пред 17-18 години имаше конфликти. Тоа значи траен мир, стабилност, безбедност и сигурност“, рече Заев.
Тој при денешната посета на Криволак каде се одржува Ден на високи гости во рамки на вежбата „Одлучен удар“ додаде дека паралелно со тоа се водат сите процеси во Европската унија и дека земјата после 15 години е пред добивање датум за почеток на преговори.