Седум земји од јужна Европа, на Самитот во Малта, повторно ја предупредија Турција да престане со „нелегалните активности“, алудирајќи на намерите на Анкара за експлоатација на гас во водите на таканаречената Кипарска економска ексклузивна зона.
„Длабоко жалиме што Турција не одговори на повторените повици на ЕУ, која ги осудува незаконските активности на Турција во таа зона“, се наведува во заедничката декларација на крајот од Самитот одржан синоќа во главниот град на Малта, Валета.
Лидерите додадоа дека, доколку Турција не ги прекине тие активности ќе побараат од Брисел да преземе соодветни мерки во знак на солидарност со Кипар.
„ЕУ нема да покаже никаква слабост“ по тоа прашање, изјави францускиот претседател Емануел Макрон на крајот на Самитот.
На почетокот на мај, ЕУ упати предупредување до Турција по најавите на планот за дупчење за гас до септември во секторот на Кипарската економска ексклузивна зона.
„Турција ги крши меѓународните закони, влегувајќи во таа зона. Задоволен сум со силната порака на солидарност од нашите партнери упатена до Турција“, изјави кипарскиот претседател Никос Анастасијадес.
Кипар сака да стане важен енергетски снабдувач во источниот Медитеран и да изгради копнен терминал за експлоатација и трансфер на гас кон Европа и Азија до 2022 година.
Кипарските резерви на гас се едно од спорните прашања во преговорите за повторно обединување на островот. Турција, која од 1974 година ја држи под воена окупација северната третина од Кипар, се противи Република Кипар, која е под контрола на Грците, да го истражува и експлоатира гасот.
На Самитот Мед7 учествуваа лидерите на Малта, Италија, Франција, Кипар, Грција, Шпанија и Португалија.