Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска реагира дека власта, без консултации со опозицијата, насилно турка попис на матични броеви, спротивно на препораките на Еуростат, кој, според нив, нема да ја прикаже реалната бројка на население кое живее во нашата држава.
Според нив, премиерот Зоран Заев продолжува „со целосно редефинирање на Македонија.
„Откако ја избриша македонската историја, се откажа од македонското име и јазик, сега исплаќа нови концесии кон своите доверители“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Тие посочуваат дека „пописот е статистичка, а не политичка операција, операција преку која ќе манипулираат со бројката на жители во државата“.
Опозициската партија предупредува дека ако премиерот Зоран Заев навреме не се откаже од ваквата идеја „многу е веројатно дека пописот ќе ја доживее судбината на неуспешниот референдум за промена на името“.
СДСМ, пак, одговори дека само ВМРО-ДПМНЕ не може да разбере дека пописот е статистичка, а не политичка операција и затоа шири лаги.
„Пописот е неопходна статистичка операција за да може да се реализира плански развој на целото општество и тоа им е јасно на сите освен на ВМРО-ДПМНЕ, која нема никаков кредибилитет да зборува за попис“, реагира СДСМ, потсетувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ 11 години не успеа да организира попис.
СДСМ тврди дека ВМРО-ДПМНЕ лаже дека не била консултирана и дека не и бил оставен простор за забелешки во однос на законите, како и дека пописот се организира по сите меѓународни стандарди и во неа цело време е вклучен Евростат.
„Опозициската партија останува носител на деструкцијата, носител на лажните вести и манипулациите“, реагира СДСМ.
До крајот на месецов се спроведува и пробен попис во 13 општини.