Претставници на над 600 американски компании и трговски асоцијации побараа од американскиот претседател Доналд Трамп итна разрешница на трговската војна со Кина. Американските бизнисмени сметаат дека „оваа војна е штетна не само за компаниите туку и за потрошувачите во САД“, објавија светските новински агенции.
Во рамки на општествено-деловната кампања насловена „Царините удираат во срeдиштето на земјата“, претставници на американскиот бизнис во колективно отворено обраќање го повикаа претседателот да запре со политиката на зголемени увозни царини.
Тие сметаат дека високите царини силно удираат по џебот на американските потрошувачи кои се принудени да плаќаат повисоки цени. Меѓу компаниите кои го потпишаа обраќањето се и гигантите „Волмарт“, „Таргет“, Колс“, „ЏејСи Пени“, „Ралф Лорен“, „Ливајс“, „ајРобот“, како и американските подружници на „Икеа“, „Еко“ и „Солвеј“.