Премиерот Зоран Заев во интервју за германски весник Франкфуртер алгемајне цајтунг обелодени нови детали за бегството на поранешниот премиер, Никола Груевски, кој доби азил во Унгарија. Груевски беше осуден на две години казна затвор за набавката на луксузниот „мерцедес“.
„Сега знаеме како. Груевски со лифт се симнал во подрумот на зградата, а таму се сокрил во багажникот на автомобилот кој го однел надвор од државата. Во Албанија, го чекало унгарско дипломатско возило“ вели Заев.
На прашањето зошто потрагата по Груевски започнала дури во понеделник, иако уште во изминатиот петок тој требало да се пријави на отслужување на затворската казна Заев истакнува дека такви се правилата за осудениците.
„Во земјата вообичаено е криминалците кои се повикани во петок за отслужување на затворска казна, викендот да го поминат дома. Не можевме тоа да го смениме само за Груевски“, објаснува Заев.