Високата претставничка на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини на денешната билатерална средба со претседателот Стево Пендаровски во Брисел рече дека Северна Македонија заедно со Албанија треба да добијат датум за почнување на преговорите во периодот јуни – јули.
Могерини ова, како што истакна, ќе го препорача на сите министри за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ наредната недела.
Претседателот Пендаровски рече дека граѓаните на Република Северна Македонија, поради сè што е направено и заслужено, очекуваат датум за почеток на преговорите со Европската унија. Тоа, напомена, ќе биде од значење и за стабилноста на регионот.
Пендаровски ги повика лидерите на земјите-членки на Европската унија да ја зачуваат кредибилноста на проширувањето врз основа на јасни и праведни критериуми за членство, во согласност со индивидуалните заслуги и постигнувања на секоја земја од регионот.