Плоден состанок, конструктивна и исцрпувачка дискусија водена на високо академско ниво, вака ја оцени средбата на мешовитата македонско-бугарска експертска комисија, претседателот на македонската комисија, Драги Ѓоргиев.
Тој по состанокот изјави дека е направен напредок во учебниците во делот на праисторијата и антиката и во поглед на Гоце Делчев. Станува збор за учебниците за петто одделение во Бугарија и за шесто во земјава. Следна средба е закажана за во септември во Софија, а до крајот на годината се планирани уште 2-3 состаноци.
Претседателот на бугарската комисија, Ангел Димитров, рече дека разговорите биле истоштувачки и напрегнати во делот на одбележувањето на Гоце Делчев. Тој вели дека можеби гледано отстрана изгледа дека е завршено малку работа на нивните средби, но дека сепак тие дале резултати. А очекува како ќе се доближуваат кон модерната историја разговорите да бидат посложени и понапрегнати, но дека ако кон задачите се однесуваат одговорно и професионално може да се направи значаен напредок и да се доближат двете страни.
Ѓоргиев и Димитров напоменаа дека за одредени работи експертите од двете земји постигнале согласност во однос на личноста и делото на Гоце Делчев, но за одредени, нивните мислења се спротивставувале.
Запрашани дали има простор за заедничко чествување на Гоце Делчев, Ѓоргиев вели дека има простор да се разговара околу тоа, а штом седат на маса таа опција е присутна, а бугарскиот претседател на групата е убеден дека може да се стигне до тоа што за некои денеска изгледа дека е далечно, но како што вели, тие се должни тоа да го направат на следната средба.
До двете влади, историчарите ќе препорачаат да се направат одредени промени во учебниците во делот за антиката, но нотираат дека немало преголеми недоразбирања, оти тој дел од историјата не ги засега толку бугарско-македонските односи. Имало фактографски грешки околу датуми, имиња, дискусија околу племињата за нивното потекло и простирање на овие простори. Бугарските историчари имале забелешка за мисијата на апостол Павле во македонските учебници и за тоа дека тој основал тука македонска црква, а нашата комисија имала забелешки за употребата во бугарските учебници на терминот бугарски земји и за периоди кога Македонија не била дел од бугарската средновековна држава.