Меѓу земјите-членки на Европската Унија во оптек е т.н. „нон-пејпр”, кој има за цел да се потврди во писмена форма дека проширувањето на Западниот Балкан останува и натаму кредибилна опција. Како што дознава Радио Слободна Европа (РСЕ), кое има увид во нацрт документот, тринаесет членки на ЕУ бараат проширување на Западниот Балкан. Во документот, меѓу другото, се нагласува дека ЕУ треба да ја исполни својата недвосмислена посветеност на европската интеграција на земјите од Западен Балкан и дека „не постои” план „Б” за земјите од Западен Балкан.
„Нон-пејпр” е обично неформален документ кој во голема мера се изнесува во затворените преговори во рамките на институциите на ЕУ, особено во Советот на министри и има за цел постигнување договор за одредено спорно политичко прашање.
Според информациите на РСЕ, иницијативата за овој „нон-пејпр” ја покренала Полска, а поддршката за овој документ добиена е од страна на 13 земји-членки, кои се главно се од Централна и Источна Европа, т.е. земјите кои припаѓаат на групата на „понови членки.”
РСЕ дознава дека се прават обиди да се добие што е можно поголема поддршка за овој документ пред министерскиот состанок што ќе се одржи на 18 јуни. Иницијаторот има за цел документот да се усвои во форма на заедничка декларација на министрите на Европската Унија.
Преку овој документ, пред се, се бара да се потврди отворањето на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија уште во јуни оваа година. Оваа одлука, според мислењето на членките на ЕУ што го поддржуваат ова писмо, ќе послужи како важен мотивирачки фактор за целиот регион.
„Истакнувајќи ја важноста на својата одлука за иднината на сите земји и народи во Европа, ги повикуваме членките на Советот (ЕУ), во јуни за превземат далекусежни, храбри одлуки, со кои би се промовирал постојаниот напредок на реформите во согласност со стандардите и вредностите на ЕУ, со цел да се зајакне регионалната соработка и помирувањето, добрососедски односи и кои ќе обезбедат клучна поддршка за неповратниот мир, стабилност и развој на регионот и на нашиот континент“, се вели во нацрт-документот.
Минатата недела Европската комисија препорача безусловно отворање на пристапните преговори помеѓу Брисел и Скопје и Тирана. Првата расправа ќе се одржи на 18 јуни, меѓутоа, бидејќи овие прашања бараат едногласност меѓу членките на ЕУ, до овој момент не постои заедничка позиција на ЕУ за да се потврди препораката на Европската комисија. Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, на почетокот од оваа недела, призна дека во моментов нема консензус меѓу земјите-членки за одобрување на отворањето на разговорите за пристап.