Седмо издание на фестивалот за квир-култура и уметност

Викенд на Гордоста во Скопје, 2019

„Нашите рани светкаат гламурозно, како атмосфера на дрег шоу, како празнење на електрицитет во допирот на (навидум) непремостливи дистанци, како молњи на отпорот!“. Ова е дел од описот за годинешната тема на седмото издание на Викенд на гордоста - Скопје, кое започнува утре.

Носечката тема е наречена „Glittering wounds“ (Светкави рани), а програмата се фокусира на „историјата на квир (настраните) животи како историја на солзи“.

„Квир историјата е историја на загуби. Историја на срам, исклучување, хомофобија, трасфобија, оплакувања, страдање, болка, депресија, меланхолија, страв и загуба. Сето ова е впишано во името – настрани (queer). Она што е означено кога реферираме на историјата на загуба е телесната изложеност и лишувањето од она што претставува најсвојствен извор на бивствувањето – релациите. Историјата на загуба е и поништувањето, прекинувањето и бришењето на квир релациите од историографијата. Загубата е загуба на еднаквиот пристап до релации со и на сопственото тело, на телото со светот што го споделува и чијшто дел е, на телото со целиот спектар на културни означители, комодитети и производи на човековиот труд“, пишува Славчо Димитров, куратор на фестивалот.

Фестивалот започнува со перформансот „Акефално чудовиште“ на Рон Ејти, во Музејот на современа уметност. Публиката ќе може да проследи перформанси на BOYCHILD, Рејчел Јанг и Марикискрајкрајкра, промоција на постхумно издадениот превод на Огнен Чемерски на книгата „Како да се биде геј“, на еден од основоположниците на квир-теоријата – Дејвид Халперин, изложба на Дел Лагрејс Волкано, спектакуларно дрег-шоу на 12 кралици од Берлин, Белград и од Скопје, како и традиционалното СРАМОТА на Пич Прич.