Премиерот Зоран Заев уште еднаш ги повика земјите членки на ЕУ да преземат одговорност и да испорачаат датум за преговори. Доколку тоа не се случи, Заев порачува дека ќе биде обвинет дека ги излажал пратениците оти гласањето за Преспанскиот договор значи отворање на вратите на ЕУ.
„Кажав дека ако го смениме името, ако одржуваме добри односи со Грција, со Бугарија, дека ако се прават сите реформи, Европа ќе си ги исполни ветувањата. Ако тоа не биде случај, нормално е да се преземе одговорност, нема да чекам опозицијата или Собранието да направи нешто, ќе преземам одговорност и ќе го вратам мојот мандат“, вели Заев во интервјут за белгискиот весник „Ле Соар“.
Заев предупредува дека постои ризик од враќање на национализмот и радикализмот во нашата земја.
„Поминавме низ овој ризик во последните единаесет години. Имавме „хибриден“ режим кој ги уништи сите демократски права и слободи, сите основи на нормална земја, и ризикот е да се вратиме во тоа време“, смета Заев.
Запрашан за номинацијата за Нобеловата награда, тој порачува дека би заменил и две такви награди за одлука на Европскиот Совет за отпочнување на преговори.