Министерот за информатичко општество и администрација денеска изјави дека Република Северна Македонија има воспоставена јасна и стратешка визија за градење сајбер-безбедносни капацитети и оти во соработка со Светската банка и Универзитетот во Оксфорд се изработени Националната стратегија за сајбер безбедност со Акциски план за периодот 2018-2022 година.
Манчевски имаше обраќање пред учесниците на Меѓународната годишна конференција за сајбер безбедност која се одржува во Охрид, каде посочи дека со самиот факт што Македонија е земја домаќин на конференцијата, ја посочува посветеноста на нејзините институции за олеснување на регионалната и меѓународна соработка во однос на тоа прашање.
„На прагот на НАТО и наскоро ЕУ, стануваме се попривлечна цел за сајбер-криминал, оттаму сајбер-безбедноста стана еден од клучните приоритети за Владата. Комбинацијата на силна политичка волја и приоретизирање на изградбата на сајбер-безбедносните капацитети
со поддршка од нашите стратешки партнери, резултираа со значајни резултати во изминатата година. Оттогаш па натаму, безбедносниот пејзаж значително се промени“, рече Манчевски.
Тој додаде дека на чело на националната сајбер-безбедност се Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи и Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти, а оти е формирана и Национална експертска група.