Ед Лакман добитник на Златна камера 300 за животен опус

Водечкиот американски и светски кинематографер Едвард Ед Лакнам е добитник на Златната камера 300 за животен опус на претстојното 40 јубилејно издание на Фестивалот „Браќа Манаки“, што во организација на Друштвото на филмските работници ќе се одржи од 14 до 21 септември во Битола.

Ви благодарам за ова препознавање и за наградата. Отсекогаш сум се чувствувал близок до Источна Европа. Мајчината страна од фамилијата доаѓа од Унгарија, Чешка, Словачка и од Австрија, а потомците на татко ми се од Литванија. Затоа јас отсекогаш сум се чувствувал дека му припаѓам и на Стариот континент оти таму се и моите корени. Од таму ова препознавање за мене на некој начин претставува и повторно поврзување со мојата фамилија и со мојот некогашен дом. Во Источна Европа ја најдов уметноста, во Америка животот.

Ова во својата кратка видео порака ќе го забележи американскиот кинематографер Ед Лакман, годинешниот добитник на Златна камера 300 за животен опус, наградата што му ја додели Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“, чие јубилејно 40 издание ќе се одржи од 14 до 21 септември во Битола.

Роден 1948 година во Мористаун, Њу Џерси, Едвард Лакман студирал на Универзитетот во Харвард, потем на Универзитетот во Тур, Франција, а во 1969 дипломирал сликарство на Универзитетот во Охајо.

Тој со децении е во врвот на американските и светските камермани и зад себе има две номинации за Оскар за „Далеку од небесата“ (Far From Heaven 2002) и „Керол“ (Carol 2015), обата филма во режија на Тод Хејнис со кого Лакман има најплодна и најефектна соработка, сочинувајќи го со него светски познатото дуо/тандем: кинематографер-режисер. Во меѓувреме и третиот филм снимен токму со Хејнис, „Јас не сум таму“ ( I Am Not There 2007), преубавата филмска сторија која имаше за цел да портретира дел од потрагите на легендарниот Боб Дилан, беше исто така потенцијален кандидат за Оскар со сите специфики во изразот на Лакман во црно-белата и колор фотографијата.

Говорејќи за кинематограферот, Благоја Куновски Доре, уметничкиот директор на Фестивалот, забележува дека „иако физички хендикепиран, тој импресионира со својата креативна енергија, од неговите почетоци на стартот на 1970, до најновите три цело вечерни играни проекти, снимајки по неколку филмови во една година, со над 80 досега“. Според него Лакман е еден од ретките кинематографери, кој покрај својата базична вокација се покажал и како добар режисер потпишувајќи 10 филмови, скоро 20 пати и во улога на снимател-камерман во филмови, во кои негови колеги, некои и наши лауреати, се кинематографери, а и тој во двојството на кинематографер-режисер, со посебната љубов кон документарниот филм (кратки, среднометражни и целовечерни), при што скоро половината од неговиот опус се од документарниот жанр, снимајќи и режирајќи и за ТВ, како и видео-комерцијални спотови.

Треба да спомнеме и тоа дека тандемот Лакман-Хејнис зад себе има уште една плодна соработка во „Музејот на чудата“ ( Wonderstruk 2017), а несомнено не мала била и неговата заслуга во антологискиот „Ерин Брокович“ на режисерот Стивен Содерберг од 2000 година, кој на Џулија Робертс и’ донесе три големи награди: Оскар за најдобра главна женска улога, Златен Глобус и наградата БАФТА.

И, тука не е крајот бидејќи Лакман соработувал и со режисери како Лери Кларк, Роберт Алтман, Пол Шредер, Вернер Херцог и други.

„Имајќи го за нов Лауреат на Златната Камера 300 за Животен Опус, со инспиративната димензија на неговата неуморна творечка енергија и со сета негова хумана, алтруистичка благородност-во ликот на Ед ЛАКМАН, прославата на 40 Јубилеј на Браќа Манаки, добива најсоодветен чин на воспевање на уметноста на кинематограферите“, смета Куновски.

А, кога сме веќе кај одбележувањето на значајниот јубилеј Игор Иванов Изи, претседател на Друштвото на филмските професионалци ќе рече дека Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ е најзначајниот проект на ДФРМ и дека четири деценискиот јубилеј е навистина импозантна бројка.

„Во годината кога славиме јубилеј на Фестивалот, а идната година ќе одбележиме и 70 години на ДФРМ, може да кажам дека конечно спласнаа сите оние контрадикторности и антагонизми кои во нашата фела беа присути со децении. Сметам дека за целиот конгломерат на институции, почнувајќи од Агенцијата за филм, која сите нас нè финансира, ДФРМ како асоцијација на професионалци, образовните институции, се разбира Кинотеката, без која не би можел да се реализира фестивалот и сите останати помали или поголеми институции поврзани со филмот. Тука мислам и на филмската критика, што подразбира дека почнуваат да дуваат поволни ветришта и дека македонската кинематографија оди во позитивен правец. Таа добива сопствен облик и специфика и слика пред светот, со која ќе се претставува во годините што доаѓаат“, вели Иванов.

Иванов, Теодосиевска и Куновски

По традиција Друштвото на филмските работници и годинава ќе ја додели наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, а во пресрет на „Браќа Манаки“ Евгенија Теодосиевска, директорка на Фестивалот, информира дека подготовките за јубилејното издание се интензивни и дека во меѓу двете изданија манифестацијата ја доби големата награда на Имаго за особени заложби во областа на филмската уметност. Згора на тоа беа презентирани пет кратки македонски филмови на петмина домашни автори на Фестивалот за краток филм во Познањ, Полска.

„Мислам дека Фестивалот на филмска камера прераснува во партнер на европските и светските фестивали што беше и нашата мисија – фестивалот да не биде само чисто прикажување филмови, туку да биде оска на поврзување на нашите филмски автори со европските и светските филмски творци“, вели Теодосиевска.

Таа и со информација дека годинава терминот на фестивалот е поместен една недела порано заради совпаѓањето со фестивалот во Сан Себастијан и можноста повеќе филмски критичари и новинари, особено од регионот, да можат да го проследат „Браќа Манаки“.