Доколку ова лето не добиеме датум за преговори за мене тоа ќе биде доказ за отсуство на лидерство и визија во рамките на ЕУ и не само визија за иднината на Западен Балкан, туку и визија за иднината на самата ЕУ и целиот европски континент, порача поранешниот претседател Бранко Црвенковски на денешната регионална конференција „Проширувањето на ЕУ на крстопат“ во Скопје.
Според него, недобивањето датум за почеток на преговорите во јуни ќе предизвика големо разочарување, но и сериозно нарушување на кредибилитетот на ЕУ и на македонската Влада во очите на македонскиот народ и на сите граѓани на земјата.
„Ние не бараме незаслужена награда, туку бараме и очекуваме да ни се пружи заслужена шанса да го почнеме процесот. Свесен сум дека на домашен план имаме големи слабости во многу области, знам дека некои од неопходните реформи доцнат или се спроведуваат со дискутабилен квалитет“, истакна тој.
Црвенковски додаде и дека отворањето на преговорите дополнително би било импулс врз спроведувањето брзи и квалитетни реформи и исполнување на неопходните критериуми и стандарди.