Српскиот министер за одбрана Александар Вулин му порача на македонскиот претседател Стево Пендаровски дека не треба да се занимава со тоа како Србија ќе го реши проблемот со Косово, односно да молчи за Србија онака како што молчи за „голема Албанија“.
Коментарот на Вулин доаѓа по изјавата на Пендаровски дека идејата за корекција на границите помеѓу Белград и Приштина е незамислива и грозна, пренесе „РТС“.
„Ако идејата за разграничување е „грозна и недостојна за 21 век“, тогаш Пендаровски би можел да го повлече признавањето на Косово од почетокот на 21 век или да ја осуди НАТО агресијата која доведе до етничко чистење на Србите од Косово и Метохија“, изјави Вулин.
Вулин додава дека Пендаровски ѝ должи на Србија почитување, а на сопствениот народ изјава за тоа што мисли за идејата на Тачи и за обединување на Албанците во „голема Албанија“.