Поднесено обвинение за четворица организатори на „27 април“

Основно јавно обвинителство во Скопје

Обвинителство денеска до Кривичниот суд Скопје поднесе обвинение против четири лица за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во врска со настаните во Собранието на 27 април, 2017 година. Според соопштението, истрагата покажала дека обвинетите ги организирале и материјално ги подржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“ што кулминирало со насилното влегување во Парламентот.

Обвинетите, според соопштението, како организатори, ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта, притоа овозможиле и континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите и на зградата на Собранието.

За две лица, кои во моментов се недостапни на органите на прогонот, како што се посочува, постапката е запрена до нивно пронаоѓање. Обвинителството доставило предлог за продолжување на мерката куќен притвор за еден од обвинетите, додека за двајца обвинети предложи определената мерка притвор да биде заменета со мерка куќен притвор. Во соопштението од ЈОРМ не се посочува идентитетот на четворицата обвинети.

Во предистражната постапка, Обвинителството за организирање на настаните ги сомничеше поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, поранешниот премиер Никола Груевски, поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и Владимир Атанасовски и Никола Бошковски од УБК.

За насилствата во Собранието, на 15 март годинава на вкупна затворска казна од 211 години беа осудени 16 лица.