Заев очекува датум за преговори со ЕУ летово или најдоцна наесен

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека очекува датумот за почеток на преговорите со Европската унија земјава да го добие летово.

„Само ако не успеат националните парламенти тоа да го направат, тогаш тоа би можело да се одложи за есен. Но, едно е јасно и ЕК тоа го потврди, драго ми е што тоа го направија и земјите членки, дека Преспанскиот договор плус сто отсто реформи, плус придонесот за севкупниот регион, како и чекањето 14 години во клупа како земја кандидат се наши аргументи за конечно да добиеме одлука за датум на преговори“, рече Заев по пуштањето во употреба на нов објект на ОУ „Вера Јоциќ“ во Хиподром.

Во врска преговорите за Законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши и судбината на СЈО, тој истакна дека не одат во добар правец и со посакувано темпо и динамика.

Во однос на одземањето на мандатот на поранешниот премиер и пратеник Никола Груевски, Заев порача дека нема намера да преговара за обезбедување двотретинско, затоа што пратениците случајот треба да постапат по Устав и закон.