Обвинение против претседателот Доналд Трамп не беше опција, рече специјалниот советник на САД, Роберт Милер. Тој вели дека да биле сигурни дека Трамп сторил кривично дело, тоа и ќе го кажеле. Милер го имаше своето прво јавно појавување по двегодишната истрага за руската вмешаност во изборите во САД во 2016.
„Обвинение против претседателот не беше опција. Би било нефер потенцијално да се обвини некој за криминал кога тоа не може да резултира со обвинение на суд“, рече Милер во Министерството за правда, потсетувајќи дека американските закони не дозволуваат претседател на САД, додека е во Белата куќа, да биде обвинет.
Тој исто така наведе и дека американските закони не овозможуваат ниту затворена тајна тужба до завршеток на мандатот.
Милер потврди дека Русија извршила значајни напади на американскиот изборен процес во 2016.
„Имаше повеќе систематски обиди за мешање во нашите избори и тоа го заслужува вниманието на секој Американец“, рече Милер.
Тој вели дека извештајот на 448 страници го содржи неговото сведочење и дека тој јавно пред Конгресот нема да каже ништо повеќе освен она што веќе е објавено во извештајот објавен минатиот месец.
Тој на денешното обраќање пред јавноста ја објави и својата оставка на должноста во Министерството за правда.
Трамп на Твитер напиша: „Ништо не се сменило од извештајот на Милер. Немаше доволно докази и затоа во нашата земја, личноста е невина. Случајот е заклучен. Ви благодарам“, напиша Трамп на Твитер.