Во Вратничката енциклопедија ја нема буквата Њ

​​Во Вратничка енциклопедија има документ од 1910 година, кој открива како започнало печалбарство. Во неа има ретки фотографии и многу податоци, но нема податоци под буквата Њ, оти во тој дијалект таа буква не се користи.

Во новообјавената Вратничка енциклопедија се наоѓа документ од 1910 година од Америка каде вратничанецот Ѓеро Ѓорѓи Антов пријавил дека доаѓа од област Македонија во државата Турција. Авторите на енциклопедијата велат дека со документот се евидентира почетокот на печалбарството, состојба која трае и до денес, а воедно е главна асоцијација за тетовското село Вратница.

„Го има добиено од американските власти во кој што пишува дека Ѓеро Антов е по потекло од Турција, Македонија. Уште тогаш Македонија е именувана како област во составот на турската империја. Има таму една грешка, што е малку пропуст, најверојатно слободна грешка од нивна страна, што пишува дека е Ѓеро Антов не е од Вратница, туку од Кратница. Тоа е веродостоен документ што за среќа неговата фамилија, неговите потомци, наследници и ден денеска живеат во Америка и за среќа го сочувале тој документ. По што еден од авторите на Вратничката енциклопедија Душан Синадиновски, и самиот долги години во Америка и има контакти со неговото семејство и по таа линија дошол до оригиналниот документ“, вели Живе Ќироски, технички уредник на Енциклопедијата.

Документ од 1910 година за Ѓеро Ѓорѓи Антов.

Книгата регистрира голем број историски податоци. Меѓу нив е и фотографија од погребот на Симче Настоски, кој заедно со други младинци од бугарската војска во 1944 година бил убиен на два дена пред да прави свадба.

„Убиен е во петок на високите предели на Шар планина, меѓутоа од разбирливи причини два дена не можеле неговото семејство да го земат неговото тело од планина да го симнат во село за да му направат погреб. И дента кога е симнат во неделата, практично е ден кога требало Симче Настоски да се жени, да прави свадба. Неговата мајка сакала на некој начин, неговата свадба да не ја откаже туку да ја овековечи. И наредила на сите гости што биле планирани за свадбата, на сите селани, да се облечат наместо како за погреб, да се облечат во свечени носии. Во тие услови повикала сликар од Тетово, значи 24, 25 километри оддалечена од Вратница, да дојде сликар и да ја слика самата церемонија“ истакнува Ќироски.

Фотографија од погребот на Симче Настоски.

Енциклопедијата е напишана на вратничкиот дијалект, а податоците се наредени по азбучен ред, но ја нема буквата Њ.

„Воопшто или многу ретко се користи буквата Њ. Тоа е забележано и во нашата енциклопедија, на тој начин што сите збиднувања, сите податоци се наредени по азбучен ред, но кај буквата Њ е останато празно место. Пример кај нас коњ се вика кон“, објаснува вратничанецот.

Автори се Стево Томовски и Душан Синадиновски иселеник во Америка. Книгата има 280 страници, а податоците се собирани повеќе од четири години и во Вратница и во Америка каде има многу вратничани.