Владата ќе го спасува охридското наследство, а на Пописот ќе се користат и лаптоп компјутери

Архивска фотографија - Седница на Владата на Република Македонија.

Владата усвои Предлог-закон за управување со природното и културното наследство во охридскиот регион, кој понатаму треба да биде оставен во Собранието на усвојување. Како што соопшти владината прес-служба, во Предлогот на законот се вклучени обврските што произлегуваат од Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство на УНЕСКО и се создаваат услови за да се спречат активности кои негативно влијаат врз наследството во овој регион. Додека не се донесе Планот за управување со природното и културното наследство во Охрид времено се прекинуваат постапките за издавање одобрение за градење, за легализација на дивоградбите, се стопираат постапките за изработување и донесување на урбанистички планови.

Владата на денешната седница го утврдила и текстот на Предлог-закон за Попис во 2020. Пописот треба да се спроведе со т.н. комбиниран метод, односно користење на податоци од претпописната база на податоци и прибирање на податоци од терен, т.е. лично попишување на сите единици на Пописот. Друга новина во овој Попис е користењето на лаптопи наместо хартиени обрасци што во голема мера го забрзува процесот на обработка и објавување на прибраните податоци, појаснуваат од Владата.Пописот треба да се спроведеод 1 до 21 април 2020 година.

Владата денеска ја усвоила и Фискална стратегија за 2020-2022, како стратешки документ кој ги содржи среднорочните насоки и цели на фискалната политика, основните макроекономски проекции, износите за главните категории проценети приходи и расходи, како и проекциите за буџетскиот дефицит и долгот.

На седницата, меѓу другото е усвоена и информацијата за обезбедување на дополнителни пари потребни за нивелација на платите во институциите од областа на културата.