Зеленски му го врати украинското државјанство на Саакашвили

Михаил Саакашвили

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, му го врати украинското државјанство на поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили, кој по соборувањето од власт во неговата земја, беше гувернер на украинскиот регион Одеса во периодот2015-2016.

На претседателската интернет страница е објавен потпишаниот декрет со кој Зеленски го поништува претходното решение со кое му се одзема државјанството на Саакашвили. Поранешниот украински претседател Петро Порошенко му го одзеде државјанството во јули 2017 година.

Зеленски пред осум дена беше инаугуриран за претседател, а само два дена подоцна адвокатот на Саакашвили, Руслан Чорнолутски, поднесе барање за враќање на државјанството.

Саакашвили остана без грузиско државјанство во декември 2015 година, со образложение дека Грузија не дозволува двојно државјанство.

Тој доби украинско државјанство и беше назначен за гувернер на Одеса во 2015, од страна со Порошенко со кога биле познаници од студентските денови. Потоа, односите меѓу нив се влошија поради наводи за корупција и напорите за реформи, па Порошенко во 2016 го смени од функцијата гувернер на Одеса.

Откако во 2017 година, Саакашвили основа опозициска партија Порошенко издаде декретот за одземање на украинското државјанство на Саакашвили. Во февруари минатата година, Саакашвили беше уапсен во Киев, па одведен во Полска. Украинските власти потоа музабранија влез во Украина до 13 февруари 2021 година.

Саакашвили сега се наоѓа во Холандија, од каде потекнува неговата сопруга.