Пацоли ја повика Србија да не злоупотребува полициска акција

Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли

Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли порача дека косовските граѓани уапсени во денешната полициска акција во северно Косово се „дел од мрежа која е длабоко вмешана во шверц, корупција, злоупотреба на службена должност и други видови организиран криминал“.

„Ја повикувам Србија да не злоупотребува политички една вообичаена полициска операција. Ги повикувам да ја поддржат борбата против организираниот криминал и да не се противат на таа борба. Она што е битно е добросостојбата на сите заедници кои живеат во Косово и Владата на Косово гарантира дека тоа е нејзин висок интерес. Јас го осудувам повикот на српските власти за мобилизација на војската поради една обична полициска операција против мрежите на организиран криминал“, напиша Пацоли на Фејсбук.