Од 334 студенти кои биле анкетирани, 15 навеле дека им биле побарани сексуални услуги од професори на двата Универзитети во Тетово, покажува истражувањето за проектот „Родова дискриминација во средното и високото образование“, на Феминистичкиот клуб и Студентскиот парламент при Универзитетот на Југоисточна Европа. Според извештајот, претежно таквите услуги биле побарани од женските студенти.
„Анкетата во проектот и воопшто информациите кои ги имаме покажуваат дека жените се повеќе дискриминирани. Со оглед дека студентите ги кажале и имињата на професорите, може да се каже дека меѓу нив има и луѓе на високи позиции во државните институции. Ние ќе ги доставиме информациите до управите на Универзитетите и до надлежните институции кои треба да ги процесуираат случаите“, изјави Рита Бехадини од Феминистичкиот клуб.
На прашањето „дали лично сте се соочиле со дискриминација“ со „Да“ одговориле 58 отсто од анкетираните, додека 62 отсто изјавиле дека тоа го направиле професори.