Единствен начин Зоран Заев да и помогне на Македонија е самиот да ја понесе одговорноста на вечерашниот состанок на ЦО на СДСМ, рече денеска на прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.
“Точно е дека одговорност имаат и претседателите на општинските организации на партијата кои молчеа и го поддржуваа криминалот на Заев и на неговите соработниците само за некое вработување или поситен бизнис. Тие треба да бидат сменети, но најголемата одговорност е лично кај Заев и кај неговите први соработници”, рече Стоилковски.
Во пресрет на вечерашниот централен одбор на СДСМ на кој тема се очекува да бидат и кадровските промени во Владата, Стоилковки ги наброја сите министри од СДСМ, кажувајќи за секој одделно зошто требало да биде сменет.
“ЦО на СДСМ мора да ги смени и казни блиските советници и соработници на Заев кои како адвокати влечат огромни суми од јавните претпријатија за адвокатски услуги. ЦО на СДСМ мора да ги смени пратениците и градоначалниците од СДСМ заради трговија на црно и деспотско однесување”, рече Стоилковски.