Млади ширум Европа денеска протестираат со барање да се преземат построги мерки против климатските промени. Протестите доаѓаат во момент која започнаа изборите за нов Европски парламент. На изборите кои започнаа вчера, а завршуваат в недела се очекува добро да поминат партиите кои имаат силна еколошка порака.
Младите излегоа на улица следејќи го повикот на шведската активистка Грета Тунберг која секој петок организира школски протести против климатските промени. Тунберг вели дека свесно го избрала терминот за време на европските избори за да организира уште еден протест. Таа денеска предводеше околу 4000 млади на протестот во Стокхолм. Протести имаше и во Осло, во Прага и во други чешки градови, во Виена, Женава, Лозана, Рим, Милано, Фиренца, Палермо, Барселона, Мадрид. Се протестираше и во Берлин, во Франкфурт, Хамбург и во други германски градови.