Денеска во Подгорица ќе биде одржана заедничка седница меѓу владите на Република Северна Македонија и Црна Гора, како и бизнис форум во организација на стопанските комори на двете држави, што ќе го отворат премиерите Зоран Заев и Душко Марковиќ и претседателите на коморите Властимир Голубовиќ и Бранко Азески.
Како што информираа од владината прес-служба, во македонската делегација се и вицепремиерите Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски и Кочо Анѓушев, како и министрите за земјоделство Љупчо Николовски, за здравство Венко Филипче, за транспорт и врски, Горан Сугарески, и министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки.
На седницата се очекува да бидат разгледани повеќе информации од интерес за двете земји за развивање и продлабочување на идната соработка и ќе бидат потпишани повеќе договори и меморандуми за соработка во областите на внатрешните работи, заштитата на животната средина и здравството. Министрите во владите на двете држави пред седницата ќе имаат и одделни работни средби со своите колеги во соодветните министерства во Владата на Црна Гора.
Премиерот Заев, кој на чело на делегацијата престојува во дводневна посета на Црна Гора, синоќа се сретна со колегата Марковиќ, како и со претседателот Мило Ѓукановиќ и со првиот човек на парламентот Иван Брајовиќ.