Амбасадата на САД и Делегацијата на ЕУ го поздравија донесувањето на реформските закони во сферата на безбедноста кои се значајни за евроатлантските интеграции на земјата.
Од Амбасадата на САД во изјава за МИА велат дека реформата на безбедносниот сектор во Северна Македонија е клучна обврска во процесот на зачленувањето на земјата во НАТО.
„Му честитаме на Парламентот за заедничките напори во усвојувањето на овие важни закони“, се вели во изјавата на Амбасадата на САД.
Амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар на Твитер напиша дека го поздравува усвојувањето на реформските закони од областа на разузнавањето и безбедноста во Парламентот.
„Конструктивниот дијалог резултираше со напредок во една од клучните областа на владеење на правото. Очекувам ефективна имплементација на реформите. Целото внимание треба да се фокусира на законот за јавно обвинителство и специјалното јавно обвинителство. Нема време за губење“, наведе Жбогар.