Премиерот Зоран Заев и претседателот на ДУИ Али Ахмети започнаа со разговорите за детектирање на одредени слабости кај дел од функционерите од извршната власт. На денешната средба е договорено дека ќе следуваат консултации во двете политички партии на чие чело се двајцата лидери, по што разговорите ќе продолжат, се вели во владиното соопштение.
„Целта на овие иницијативи е обезбедување кадровски решенија за зајакнување на капацитетите на институциите, во насока на исполнување на подобри резултати на економски план и исполнување на очекувањата на граѓаните,“ се вели во соопштението од Владата.
Претходно Заев најави дека станува збор за кадровски промени кај оние функционери кои не ги исполниле очекувањата. Ахмети, пак, вчера изјави дека останува на барањето за ветинг, како начин на кој ќе се спречат нападите кон функционерите и ширењето на лажните вести.