Премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети зад затворени врати одржуваат средба во Владата на која се очекува главна тема да бидат најавените кадровски промени. Дел од медиумите јавуваат дека не им било дозволено да снимат видео инсерти од почетокот на средбата.
Претходно Заев најави дека тие денеска како коалициски партнери ќе разговараат за кадровски промени во извршната власт.
„Иако симболиката дојде од зборот „метла“, сепак, се работи за луѓе професионалци. Зборуваме за ароганција, за неисполнување на очекувањата од одредени институции и зборуваме за немукаетност или неможност да се постигнат очекуваните цели кои граѓаните ги очекувале. Значи зборуваме за личности, не зборуваме за припадници на политички партии или професионалци кои се во Владата. Сите оние кои покажале слабост од ваков карактер вредно е да се размислува да бидат променети со други луѓе, изјави денеска Заев по дебатата за нацрт текстот на Националната стратегија за развој на коцептот за едно општество и мултикултурализам.
Вчера лидерот на ДУИ, Али Ахмети, изјави дека останува на барањето за ветинг, како начин на кој ќе се спречат нападите кон функционерите и ширењето на лажните вести.