УНЕСКО со препорака Охрид да се стави на листата загрозено светско наследство

Охрид

УНЕСКО во најновиот нацрт извештај препорачува Охридскиот регион од културно и природно наследство да се стави на листата на загрозено светско наследство.

Од организацијата на ОН соопштуваат дека главниот проблем е недоволниот напредок во решавањето на проблемите и постојаните закани и опасност од големите инфраструктурни и развојни проекти. Според извештајот, малку е направено и за имплементација на приоритетните препораки на мисијата на УНЕСКО од 2017 година.

„Несоодветна градба со несоодветно урбано развивање и експлоатација на брегот, зголемено загадување, нарушување и уништување на животната средина и неконтролиран урбан развој предизвикан од силен притисок од туризмот“, се дел од заклучоците на УНЕСКО.

Во нацрт извештајот на УНЕСКО што ќе биде разгледуван на претстојната 43-та Конференција на Комитетот за светско наследство што ќе се одржува во Баку се бара од државата да воспостави целосен мораториум на какви било урбани трансформации на брегот на езерото сè додека не се финализираат и усвојат ефективни законски решенија за заштита и механизми за нивно спроведување.

Потоа се бара од властите да направат проценка на нелегалните градби и да се утврди нивното влијание врз заштитеното подрачје, како и уривање на сите објекти што претставуваат опасност за подрачјето, истовремено строго спроведување на законите и правилниците за спречување нови дивоградби.